Разговарајте со PDF фајлови со ChatPDF

09.05.2023

Дел од фајловите не може да се уредуваат, а во еден помал дел корисниците не може ниту да пребаруваат. Дури и кога може да се пребарува низ документите, ако фонтот е мал и ако има многу содржина, читањето не е едноставно. Еден начин да се надминат дел од овие проблеми е користење на специјализиран софтвер кој ќе овозможи полесно читање и уредување. Втор начин е користење на пософистицирана алатка за анализа и сумирање на содржината. Овие алатки може да препознаат теми во документот, да препознаат соодветни односи, и слично.

ChatPDF е токму ваква алатка. Базирана на вештачка интелигенција алатката може да го анализира документот, да „извлече“ различни поенти, да го олесни пристапот до клучните податоци и значително да го олесни пребарувањето по документот. Како што навестува и името ChatPDF е поврзан со ChatGPT. За одговори алатката го користи API-то на ChatGPT. Прилагодувањето на моделот е направено со некои од нагодувањата и во процесот на тренирање, за ChatGPT да биде покорисен како асистен за читање PDF-фајлови.

 

Како се користи ChatPDF

Сервисот има две нивоа за корисници. Бесплатниот модел овозможува анализа на PDF до 120 страници со големина до 10 MB. Корисниците можат да анализираат 3 документи дневно и да постават до 50 прашања. За претплата од 5 долари месечно, може да се анализираат фајлови до 32MB со максимум 2000 страници. Бројот на фајлови е ограничен на 50, а корисниците може да постават до 1000 прашања во текот на денот.


Користењето на ChatPDF е едноставно. Најпрво треба да го внесете PDF-документот. Ова може да се направи од URL или од фајл. По „качувањето“ на фајлот, во зависност од големината потребни се неколку минути за анализа. Штом заврши ова, ChatPDF е подготвен да ви помогне со документот. Најпрво се достапни неколку точки кои вештачката интелигенција ги идентификувала како поважни.

Интерфејсот е идентичен со ChatGPT, а корисникот може да поставува прашања или да пребарува по содржината и сликите. Одговорите на прашањата се на истиот јазик на кој е поставено прашањето, иако некои од одговорите на македонски се на чуден јазик. Вештачката интелигенција препознава и што има на сликите и при пребарувањето сугерира и слики во своите резултати.

Со ова, алатката значително го олеснува времето потребно за пребаување по документите. Дополнително, корисникот може да побара дополнителни објаснувања кои може да помогнат со полесно сфаќање на темите кои се опфатени во документите.