Google официјално го најави Bard

09.05.2023

Конкуренцијата кај вештачката интелигенција само што започнува. Откако минатата недела во обраќањето до инвеститорите Google најави дека наскоро ќе ја претстави својата вештачка интелигенција, оваа недела добивме повеќе детали.

Сундер Пичај официјално го најави конкурентот на ChatGPT на почетокот на оваа недела во блог пост на Google. Google е претпазлив и барем засега „Bard“ e опишан како „експериментална услуга за разговорна вештачка интелигенција“. Услугата веќе е во „рацете“ на тестери во кои Google има доверба.

За поголема достапност за јавноста ќе треба да почекаме, но не премногу. „Bard“ според најавите ќе биде достапен за јавноста за неколку недели.

Ова беше најавено и на обраќањето до инвеститорите минатата недела. Пичај тогаш откри дека веќе започнале со тестови на некои од функционалностите. Претходно ставот на компанијата беше дека ако нешто тргне наопаку, додавање на вештачката интелигенција во пребарувачот е преголем ризик за репутацијата.

Дел од вработените во Google беа затечени откако во ноември OpenAI го претстави ChatGPT. LaMDA и Bard имаат слични можности како конкурентите, но Google не одговори веднаш. Ова можеби е и разбирливо со оглед на тоа дека ризикот е поголем за Google, отколку за помал стартап. Пребарувачот има репутација која може да биде нарушена ако прикаже несоодветни одговори. Ова се однесува на точноста, но и на тонот. Вештачката интелигенција тренирана на неселектиран материјал може да дава токсични или неточни одговори.

Одговорот на Google доаѓа во период во кој OpenAI и Microsoft се подготвуваат да ја предизвикаат доминацијата на Google во пребарувањето. Дел од експертите веќе предвидуваа дека ChatGPT ќе го замени Google како прва локација за пребарување. Сепак, се чини како помалку да забораваме дека вештачката интелигенција на Google не така одамна успеа да измами вработен во компанијата дека станува збор за самосвесна интелигенција.

Video